Разговарано за повеќе актуелни прашања од важност за регионот и во геополитички контекст.
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Информацијата преку соопштение ја потврди Кабинетот на премиерот на земјата.
Во соопштението се вели дека е разговарано за повеќе актуелни прашања од важност за регионот и во геополитички контекст.
„Истакнато е силното единство на државите сојузнички во Алијансата, во функција на мирот, по предизвиците од бруталната воена агресија на Русија врз Украина“, се наведува во соопштението.
Според соопштеното, поздравена е ефективната поставеност на Северна Македонија на линија на поставеноста на НАТО-партнерите и на заедничката и надворешната безбедносна политика на ЕУ, како и обезбедувањето на потребната поддршка за Украина.
Се нагласува дека во разговорот е посочено и на важноста од заеднички пристап во справувањето со хибридните закани и дезинформациите како предизвици по стабилноста и безбедноста.
„За аспектите на прашањата за кои разговараа денес премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, како што е посочено, се очекува да се разговара и на претстојниот јулски Самит на НАТО во Вилнус, Литванија“, се додава во владиното соопштение.