Советот за човекови права на Обединетите нации денеска гласаше за продолжување на мандатот на Независната меѓународна истражна комисија за Украина, која ги истражува можните воени злосторства извршени од Русија за време на војната во Украина.
За продолжување на мандатот на Комисијата за една година гласаа 28 земји, додека 17 беа воздржани и две гласаа против.
Украина смета дека работата на оваа комисија е од суштинско значење за Русија да одговара за злосторствата што ги направила.
„Размерите и бруталноста на руските злосторства во Украина едноставно се надвор од секое човечко поимање“, изјави пред гласањето во Советот украинската амбасадорка во ОН во Женева, Евгенија Филипенко.
Таа додаде дека цврсто верува оти продолжувањето на работата на Комисијата за понатамошно истражување, документирање и известување за кршење на човековите права и меѓународни злосторства извршени врз луѓето во Украина може да спаси повеќе невини животи и да придонесе за докажување одговорност за сторителите и правда за жртвите.