– Поранешната најдобра тенисерка на светот, Каролина Возњацки, потврди дека се враќа на тениските терени по тригодишна пауза, јавува Анадолу.
„Во текот на изминатите три години надвор од теренот морав да го надоместам изгубеното време со моето семејство. Станав мајка и сега имам две прекрасни деца на кои сум многу благодарна. Но сѐ уште имам цели што сакам да ги постигнам. Сакам да им покажам на моите деца дека можат да ги следат своите соништа без оглед на годините и улогата“, напиша данската тениска ѕвезда.
Во разговор за магазинот „Вог“ за своите планови да му се врати на тенисот, Возњацки рече дека има цел да се појави на Канадијан Опен во Монтреал во август, а потоа да игра на УС Опен.
„Ќе почнам да играм во Монтреал колку да се вратам во игра, а потоа ќе тргнеме кон УС Опен во Њујорк. По овие турнири ќе имам неколку месеци да се подготвам за Австралија. Олимписките игри во Париз дефинитивно се уште една моја цел“, рече 33-годишната Возњацки, која во 2020 година се повлече од тенисот по 15 години играње.