Теоријата на Трамп за руските беспилотни летала предизвика возбуда во Полска, официјалните лица остро одговорија: „Не, не е грешка“
Полските власти реагираа на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека инвазијата на руски беспилотни летала на територијата на оваа земја може да биде грешка.Трамп им рече на новинарите во Белата куќа во четвртокот дека не е задоволен од целата ситуација, но дека упадот со беспилотни летала всушност можел да биде грешка на Москва.
„Можеше да биде грешка, но без оглед на тоа, не сум среќен поради целата ситуација. Но, се надевам дека ќе заврши“, изјави Трамп вчера пред новинарите во Белата куќа.
Прв се јави полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, кој со краток коментар јасно стави до знаење што мисли за теоријата на Трамп.
„Не, не беше грешка“, рече тој.
Полскиот премиер Доналд Туск имаше сличен став.
„Исто така, би сакале нападот со беспилотни летала врз Полска да беше грешка. Сепак, не беше. Го знаеме тоа“, рече Туск.
Освен Полјаците, одредени американски функционери исто така не се задоволни од ставот на Трамп. Поранешниот американски амбасадор во Украина, Стивен Пајфер, исто така изрази незадоволство од размислувањата на Трамп во врска со нападот со беспилотни летала.
„19 грешки?“ праша иронично Пајфер.
По повод упадот со беспилотни летала, Полска побара дополнителна помош од сојузниците на НАТО, а први реагираа Франција и Германија, кои најавија испраќање дополнителни борбени авиони кои треба да го заштитат воздушниот простор на Полска.