Тепиќ и Алексиќ бараат од РТС да ги вклучи во Дневник 2: Граѓаните имаат право да знаат за епската кражба во Србија
По синоќешното гостување на српскиот претседател Александар Вучиќ на РТС кој говореше за изборните резултати, денеска Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ, носителите на листата „Србија против насилството“, кои започнаа штрајк со глад во зградата на Републичката изборна комисија (РИК), побараа исто така од РТС да ги вклучи во Дневник 2 за граѓаните да бидат информирани за изборните кражби, јави дописникот на МИА од Белград.
-Две третини од граѓаните на Србија немаат поим што се случи на изборите во неделата, каква епска кражба е направена, дека не се согласуваме со тоа и дека Александар Вучуќ го менува народот. Овој феномен не беше само во Белград, беше низ цела Србија, но најдрастичен беше во Белград, рече Мариника Тепиќ на прес-конференција пред зградата на РИК.
Таа посочи дека листата „Србија против насилството“ не прифаќа злоупотреби и кражби, поради што побара изборите да се поништат.
-Јас и Мирослав Алексиќ штрајкувавме со глад до поништување на изборите… Бараме, инсистираме РТС да не вклучи во централниот Дневник 2 за да ги кажеме нашите ставови како најголема опозициска партија. Ако Вучиќ можеше да влезе во РТС и да разговара половина час и да се исмева со нашиот штрајк со глад и нашите резултати, побаравме РТС да не вклучи во вечерашниот Дневник за граѓаните да можат макар дел да слушнат, кажа Тепиќ и додаде дека дел од изборната кражба е извршена со држење на граѓаните во медиумска темнина.
Мирослав Алексиќ изјави дека има доволно докази дека во неделата е сменета изборната волја на граѓаните.
Тој рече дека не е потребна истрага, бидејќи самите учесници објавувале на социјалните мрежи. Тој ги покажа објавите на политичарите од Република Српска, кои гласаа и на парламентарните и на локалните избори во Белград.
-И тие луѓе кои беа донесени во Арена во Белград и другите собирни центри се регистрирани и од наши луѓе, имаме видео снимки, имаме нивни изјави, сето тоа го доставивме до РИК и ГИК и очекуваме поништување на изборите, бидејќи грубо е прекршена изборната волја. Тоа не се однесува на изборните резултати, резултатот што го освоивме е таков, каков што е, но во услови во кои не може да се каже дека е можно да се одржат слободни избори, рече Алексиќ.
Тој повтори дека изборите мора да се поништат и да се распишат нови.
Тепиќ и Алексиќ изјавија дека ќе поднесат по еден приговор до Градската изборна комисија на Белград во кој ќе бидат сублимирани сите докази што ги имаат за изборни нерегуларности, а ќе поднесат и приговори до РИК за нерегуларности на парламентарните избори.