Терор во втората најбогата земја во светот, властите продолжуваат со лудите убиства: “Мораме да ги запреме!“
Сингапур обеси маж обвинет за трговија со канабис, што е второ погубување во последните три недели, пишува Аljazeera.com.
37-годишен маж беше погубен во раните зори во средата во затворот „Чанги“ на источниот брег на островот, откако апелациониот суд во последен момент го одби обидот за повторно отворање на неговиот случај без сослушување.
„Човекот, кој не е именуван затоа што неговото семејство побарало приватност, во 2019 година бил осуден за трговија со околу 1,5 килограми канабис“, вели Кокила Анамалаи од колективот за трансформативна правда, кој се залага за укинување на смртната казна во Сингапур.
Неговото барање за повторно отворање на случајот се засновало на ДНК и докази за отпечатоци кои го поврзуваат со многу помала сума, која тој признал дека ја поседува, но судот го одбил барањето. На 26. април, Сингапур го обеси 46-годишниот Тангараџу Супиах за трговија со повеќе од еден килограм канабис, и покрај апелите за помилување од страна на неговото семејство и активисти кои привлекоа меѓународно внимание. Тие тврдеа дека на Тангараџу Супиах не му бил даден соодветен правен совет и дека му бил забранет пристап до преведувач додека бил испрашуван од полицијата. Според законот во Сингапур, трговијата со повеќе од 500 грама канабис може да резултира со смртна казна.
„Ако не се собереме за да го спречиме тоа, се плашиме дека оваа убиствена треска ќе продолжи во неделите и месеците што доаѓаат“, вели Кокила Анамалаи за Associated Press.
По застојот за време на пандемијата со вирусот Ковид-19, Сингапур обеси 11 лица минатата година. Сите егзекуции беа за прекршоци поврзани со дрога.
Егзекуцијата од пред една година на Нагаентран Дармалингам, Малезиец со инвалидитет, предизвика широко распространет бес и предизвика ретки протести во градот-држава каде демонстрациите се строго контролирани. Според меѓународното право за човекови права, оние земји кои ја задржуваат смртната казна треба да ја користат само за „најтешките злосторства“ кои вклучуваат намерно убиство.
Но, Министерството за внатрешни работи на Сингапур тврди дека – „смртната казна е клучна компонента на системот на кривичната правда во Сингапур и е ефикасна во одржувањето на безбедноста и мирот на Сингапур“. Надлежните, пак, тврдат дека сите затвореници имаат пропишана законска процедура.
Во мартовскиот извештај, групата за реформа на политиката за дроги, Harm Reduction International (HRI) откри дека и покрај светскиот чекор кон аболиција, минатата година имало најмалку 285 егзекуции поврзани со дрога, што е повеќе од двојно повеќе од претходната година.
„Оваа бројка веројатно одразува само процент од сите егзекуции во светот поврзани со дрога“, соопштиле HRI, истакнувајќи ја крајната тајност околу смртната казна во многу од земјите кои најмногу ја користат, вклучувајќи ги Кина, Виетнам и Северна Кореја.