Тесла повторно е под лупа на пазарните аналитичари, откако беше откриено дека со продажба на 75 проценти од своите резерви на биткоин кога цената паѓала, изгубила милијарди долари потенцијална добивка.
Во 2021 година, Тесла инвестираше 1,5 милијарди долари во Биткоин, верувајќи во неговата долгорочна вредност.
Сепак, во вториот квартал од 2022 година, додека пазарите беа под притисок од инфлацијата и растечките каматни стапки, компанијата продаде три четвртини од своите крипто средства кога тие вредеа значително помалку отколку што вредат денес, објави CNN.
Во последната година, вредноста на биткоинот се зголеми за дури 80 проценти на повеќе од 120.000 долари, делумно благодарение на поддршката од новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, која ја либерализираше регулативата и најави создавање стратешки резерви на биткоин.
Според сегашните проценки, доколку Тесла не продаваше биткоини, нивната вредност денес би била околу пет милијарди долари.
Наместо тоа, компанијата моментално поседува 1,24 милијарди долари дигитални средства, што е сепак зголемување во однос на 722 милиони долари пред една година.
Немаше коментар од Тесла, а основачот на компанијата, Елон Маск, долго време не рекламирал биткоин на социјалната мрежа X, иако претходно беше меѓу најгласните поборници за криптовалутите.
Акциите на „Тесла“ паднаа за околу 25 проценти од почетокот на годината, што е најостриот пад меѓу големите технолошки компании.