Повеќе од илјада летови беа одложени, а десетици откажани, откако американската авио-компанија United Airlines во средата вечерта ги приземји сите свои авиони поради сериозен технички проблем, јавува ABC News.
Според официјалните податоци од FlightAware, доцнењето ги зафати 1.000 летови, додека повеќе од 40 беа целосно откажани. Причината, како што појаснија од компанијата, бил дефект во компјутерскиот систем задолжен за пресметка на тежината и рамнотежата на леталата.
„Поради технички проблем, привремено ги суспендираме сите полетувања на летовите на United Airlines од аеродромите“, стои во соопштението на авиопревозникот.
Од компанијата додаваат дека, иако проблемот бил отстранет по неколку часа, нарушувањето ќе предизвика дополнителни доцнења и во текот на ноќта. „Безбедноста ни е апсолутен приоритет и ќе соработуваме со патниците за да ги донесеме безбедно до нивните дестинации“, наведуваат оттаму.
United Airlines потврди дека дефектот се појавил нешто по 18 часот по источно американско време и дека зафатил само дел од нивниот систем. Летовите на United Express не биле погодени, а авионите кои веќе биле во воздухот продолжиле со летот без прекини.
Компанијата соопшти дека патниците погодени од доцнењата добиле соодветна грижа – оброци и сместување во хотели.
Американската Федерална управа за воздухопловство (FAA) ја потврди информацијата и соопшти дека е запознаена со техничкиот проблем на United Airlines, кој бил изолиран и не влијаел на пошироката инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај.
Американскиот министер за сообраќај, Шон Дафи, изјави дека нема индиции за кибер-напад и дека проблемот бил ограничен исклучиво на системите на United.
Според FAA, обуставата на летовите била побарана на неколку клучни аеродроми, меѓу кои: Њуарк, Сан Франциско, Чикаго, Денвер и Хјустон.