Најмалку 42.310 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што на 6 февруари ја погодија јужна Турција, соопшти во вторникот Управата за вонредни ситуации на Република Турција (АФАД).
АФАД објави дека по земјотресот со епицентар во Кахраманмарас и Хатај имало 7.242 последователни потреси, а 41 последователен потрес биле со јачина меѓу 5 и 6 степени според Рихтеровата скала.
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во провинцијата Кахраманмарас, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 провинции. Земјотреси беа почувствувани и во регионот, а во Сирија загинаа илјадници луѓе.
– Екипите поставија вкупно 301.289 шатори и 6.375 контејнери кои во зоната на земјотресот беа испратени од министерства и надлежни институции, како и други домашни и меѓународни организации – информираат од АФАД.
Во моментов на терен работат вкупно 14.740 членови на локални и меѓународни тимови за пребарување и спасување. Отворени се и четири мобилни центри за психо-социјална поддршка во Кахраманмарас, Хатај, Осмање и Малатија. Психосоцијална поддршка добиле вкупно 698.244 лица, од кои 497.093 биле во зоната на земјотресот, а 201.151 биле надвор од зоната на земјотресот.