„Тешко е да се провери дали Пригожин е мртов“: Европската комисија соопшти што мисли за соборувањето на авионот на лидерот на групата Вагнер (ФОТО)
Портпаролот на Европската комисија Петар Стано денеска изјави дека е тешко да се проверат извештаите дека шефот на паравоената формација „Вагнер“ Евгениј Пригожин загинал во авионска несреќа во средата вечерта.
– Го видовме извештајот за авионската несреќа во која наводно загинал Евгениј Пригожин, шефот на „Вагнер групата“, заедно со неговата придружба и членовите на екипажот – рече Стано на брифинг со новинарите.
Тој додаде дека овој случај како и многу други работи во Русија е тешко да се проверат па затоа не треба да се коментира.
– Каде и да беа присутни оставија трага на кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право. Има многу неодговорност, нејасни се правилата по кои работат – рече Стано.
Стано додаде дека Европската унија се надева дека ќе престане негативното влијание на операциите на Вагнер, но имаат на ум дека групата платеници не се поврзува само со името на нејзиниот лидер.