Тејлор Свифт верува дека Блејк Лајвли ја искористила: Пејачката се чувствува вознемирена и повредена

Тејлор Свифт е повикана како сведок во правен спор меѓу актерите Блејк Лајвли и Џастин Балдони, кој, според „Дејли меил“, оставил силен емотивен белег врз неа.

Наводно, таа се чувствува крајно вознемирена и повредена, особено затоа што верува дека нејзината долгогодишна пријателка Блејк Лајвли ја вовлекла во целата афера.

Иако беа многу блиски со години, живееја во иста населба, а Свифт беше и кума на децата на Блејк, нивната врска значително се влоши оваа година. Пресвртот се случи кога Лајвли поднесе тужба против Балдони, нејзиниот колега од „It Ends With Us“, обвинувајќи го за сексуално вознемирување и водење кампања за клевета против неа.

Балдони одговори со контратужба, во која се вклучени и сопругот на Блејк, Рајан Рејнолдс, и Тејлор Свифт. Судските документи покажуваат приватни пораки и е-пошта меѓу Блејк и Џастин, во кои се споменува Свифт, а во една од пораките Блејк се нарекува себеси „Калиси“, додека Свифт и Рајан се етикетирани како „нејзините змејови“.

Според Балдони, Свифт била на еден од клучните состаноци во врска со филмот, одржан во пентхаусот на Блејк и Рајан. Иако нагласи дека пејачката не учествувала активно во разговорите, фактот дека таа била присутна бил искористен како аргумент во спорот.

Тејлор наводно се чувствува искористена и манипулирана, а нејзината врска со Блејк Лајвли се оладила. Покрај тоа, почнаа да кружат гласини дека Свифт била вклучена во продукцијата на филмот, па дури и имала влијание врз изборот на улоги – поточно, дека таа лично го одобрила изборот на актерката Изабела Ферер за улогата на помладата Лили Блум.

Свифт и нејзиниот тим остро ги негираа овие тврдења. Во изјава за медиумите, беше кажано дека Тејлор немала никаква креативна улога во проектот: „Тејлор Свифт никогаш не стапнала на снимањето на овој филм, не учествувала во изборот на актери, не ја напишала музиката, не ја гледала монтажата ниту давала коментари. Таа го гледала филмот „It Ends With Us“ само неколку недели по неговата јавна премиера. Единствената врска што ја има со филмот е дозволата да ја користи нејзината песна „My Tears Ricochet““.

Иако адвокатот на Балдони, Брајан Фридман, издаде формална покана за судот, Свифт, според блиски извори, најголемата одговорност за целата ситуација ја гледа кај Блејк.

„Тејлор сметаше дека Блејк го користи нејзиното име за сопствена корист веќе некое време, но судската покана го подигна тоа на сосема ново ниво“, изјави извор за Дејли Меил.