Следната недела, германската влада планира да спроведе коалициски договор за дополнително заострување на законите за имиграција, кој предвидува укинување на забрзаната постапка за стекнување германско државјанство и суспендирање на семејното обединување за лица со супсидијарна заштита.
– Досега, до 1.000 луѓе месечно можеа да имигрираат во Германија како дел од програмата за семејно обединување. Сега тоа е готово – изјави министерот за внатрешни работи Александар Добриндт (Христијанско-социјална унија – CSU) за весникот „Билд“.
Тој објасни дека на состанокот на кабинетот во среда, владата ќе ги усвои измените на законот договорени во коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада, кои се однесуваат на укинување на програмата за семејно обединување и забрзано стекнување државјанство.
Отсега, лицата кои уживаат таканаречена супсидијарна заштита во Германија повеќе нема да можат да ги доведат членовите на своите семејства во таа земја.
Зборуваме за луѓе на кои не им е одобрен азил, но државата не ги протерува затоа што им се заканува прогон во нивната матична земја или нивните животи се во опасност. Кога опасноста во земјата на потекло ќе престане, на пример по завршувањето на војната, супсидијарната заштита исто така престанува да се применува.
Мерката за одземање на правото на семејно обединување се воведува, засега, за две години.
Во исто време, се укинува законот што беше неодамна усвоен, со кој се овозможи стекнување германско државјанство по само три години престој во земјата.
– Мораме да ги отстраниме факторите што ги привлекуваат бегалците во Германија. Ова покажува дека миграциската политика се менува – рече Добриндт.
Како една од првите мерки откако ја презеде функцијата на почетокот на месецот, Добриндт воведе построги контроли на германските граници и враќање на секој што нема потребни документи за влез во земјата, вклучително и оние што сакаат да аплицираат за азил.
Најавата за заострување на законите за имиграција беше критикувана од опозициската партија Зелени.
– Новата влада спроведува политика на обични симболи и тоа преку грбот на најслабите, дури и не се двоуми да го прекрши законот – изјави Шахина Гамбир, портпаролка за внатрешна политика на Зелената партија.
За Унијата ЦДУ/ЦСУ и канцеларот Фридрих Мерц, драстичното намалување на нерегуларната имиграција е една од клучните задачи на новата влада.