Командантите на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и либанската група Хезболах се на терен во Јемен помагајќи да ги насочат и надгледуваат нападите на бунтовните Хути врз бродовите во Црвеното Море, дознава Ројтерс од повеќе извори од Иран и регионот.
„Револуционерната гарда му помагаше на Движењето Хути во воена обука и употреба на напредно оружје. Група борци беше во Иран минатиот месец и беше обучена во базата на ИРГЦ во централен Иран да ракува со нова технологија и да користи проектили“, изјави за Ројтерс инсајдер од Иран.
Тој додаде дека иранските команданти отпатувале во Јемен и формирале команден центар во главниот град Сана за напади на Црвеното Море, на чело со висок командант на Револуционерната гарда одговорен за Јемен.
Четири извори во регионот потврдија за Ројтерс дека Иран, кој го вооружува, обучува и финансира движењето Хути, ја зголеми испораката на оружје за бунтовниците од почетокот на војната во Газа.
Тие додадоа дека Техеран им обезбедил напредни беспилотни летала, противбродски крстосувачки ракети, прецизни балистички ракети и ракети со среден дострел на бунтовниците, кои од ноември ги гаѓаат трговските бродови во знак на солидарност со Палестинците во Газа.
Членовите на ИРГЦ придонесуваат со знаење и разузнавање со цел Хутите да ги идентификуваат метите – бродовите кои превезуваат товар наменет за Израел преку Црвеното Море.
Вашингтон минатиот месец рече дека Иран е „длабоко вклучен“ во планирањето на тие операции и дека неговото разузнавање е од клучно значење.
На редовните прес-конференции, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, постојано негираше дека Техеран е вмешан во напади врз бродови во Црвеното Море.
Инволвираноста на Иран и Хезболах ја демантираше и портпаролот на јеменските бунтовници Мохамед Абдулсалам.
Револуционерната гарда не одговори на барањето на Ројтерс за коментар за наводите.
Нападите на бродовите го прекинаа транспортот меѓу Азија и Европа преку теснецот Баб ал-Мандаб во близина на Јемен и предизвикаа реакција од САД и Велика Британија, кои постојано ги гаѓаа позициите на Движењето Хути во Јемен.
Од почетокот на војната во Газа, се интензивираа конфликтите меѓу Израел и Хезболах долж границата со Либан, како и нападите на групи поврзани со Иран врз американски цели во Ирак и Сирија.