ТИРЗ: Договорени три нови иницијативи за економски раст со Јапонската организација за надворешна трговија

 Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и претседателот на Јапонската организација за надворешна трговија JETRO договорија три нови иницијативи за економски раст, базирани на соработка помеѓу македонската и јапонската економија и компании, информираат од ТИРЗ.

-JETRO има мрежа која покрива над 2 милиони јапонски мали и средни компании и им нуди различни инструменти за поддршка за инвестиции. Веќе договоривме соработка не само во делот на привлекување на јапонски инвеститори туку и заднички проекти меѓу компании од двете земји особено во ИТ секторот, енергетика и градежништво во делот на обнова на Украина, како и директна поддршка за македонските стартапи, изјави Деспотовски по средбата.

Претседателот на JETRO Нобутани изрази целосна подготвеност за поддршка на ТИРЗ и Владата на Северна Македонија и лична заложба за забрзана реализација на новите иницијативи за засилен економски раст.

Како што информираат од ТИРЗ, Деспотовски имал средба и со гувернерот на јапонската Банка за меѓународна соработка ( JBIC), Нобумитсу Хајаши со кој договорија подрршка на потенцијални заеднички проекти на македонски и јапонски градежни компании во рамки на обновата на Украина. Гувернерот Хајаши изрази подготвеност за поддршка на вакви инвестиции.

-Со гувернерот зборувавме за конкретни иницијативи. Поддршката од една ваква банка како Јапонската Банка за меѓународна соработка отвора значителен потенцијал за ангажман на македонските компании во меѓународни проекти, вели Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ е во неколкудневна работна посета на Јапонија организирана во соработка со Јапонската амбасада во Северна Македонија. Целта е презентација на инвестициските можности во нашата земја. Деспотовски имаше средби со неколку од поголемите стопански комори, бизнис асоцијации, компании и државни институции на оваа земја.