ТОА ШТО ДРИН АХМЕТИ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД СОРАВИЈА НЕМА ДА ГО СПАСИ ОД ИСТРАГА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО
Истрагата против Дрин Ахмети, внук на лидерот на најмоќната владејачка партија на Албанците Али Ахмети, не запира, иако тој вчера се повлече од компанијата „Тор“ што ја купи „Соравија“, туку се интензивира.
Нема никаква врска што се повлекол, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Секогаш е важно кој бил раководно лице во моментот на вршење на кривичните дела, велат од таму.
„Во однос на промената на сопственичката структура на правното лице, ве потсетуваме дека согласно закон, ако постои одговорност, товарот е на она лице кое во моментот на случување на евентуално кривично дело било сопственик или раководело со одредено правно лице, па оттука оваа промена нема да влијае врз постапката што се води“, велат од ОЈО за организиран криминал.
Според бројот и нивото на институциите што ги наведе Обвинителството дека се вклучени во оваа предистрага, се чини дека станува збор за еден од поголемите случаи кои тоа ги покренало во поново време, но и дека не се работи тука само за економски криминал, туку и за сериозен криминал. Обвинителството не кажува за што всушност се работи и бара разбирање зашто предметот е во предистрага, а одговор чека и од неколку странски држави.
„Во оваа сеопфатна предистражна постапка освен истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал кои ги анализираат прибраните материјали , постапуваат и Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Единицата за финансиски криминал – Сектор за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Единица за економски криминал – Сектор за економски криминал и корупција при Одделот за криминалистичка полиција во МВР“, наведува Обвинителството за организиран криминал.
Се испитуваат јавни набавки што ги добивал Дрин Ахмети за ова кратко време откако овој многу млад човек блесна како успешен бизнисмен.
„Прибавена и анализирана e документација во врска со јавните набавки со ЕСМ, ЕЛЕМ и ЈП Комуналец Кичево, како и документација од Комисија за заштита на конкуренција, од Фондот за иновации и технолошки развој, Отсек за управни работи при МВР и Капетанија на пристаништа, Министерство за економија и Централен депозитар за хартии од вредност. Воедно во соработка со релевантни институции на други држави се преземаат дејствија за расветлување на случајот“, вели Обвинителството во одговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Дрин Ахмети вчера објави дека се повлекува од неговата фирма, која се спојува со фирма од Тексас. „Во емисијата Код“ на телевизија Телма минатата недела беше ојавено дека бизнисот на американскиот партнер од Далас (Тексас) е менаџирање со стриптиз барови.
Дрин Ахмети објави дека „Тор индустрис“ ја презема компанијата „Тексас американ интернешнл холдингс“, која спорд „Код“ е на бизнисменот Ник Назар Мехмеди, кој пак во јули лани оснивал фирма со влог од 3 милиони евра и со седиште на истата адреса во Скопје како „Тор индустрис“. Фирмата на истата адреса со „Тор“ во бизнсис центарот Соравија се вика „Американ инвестментс“ и е регистрирана за консултантски услуги.
Младиот Ахмети објави дека се повлекува од „Тор“, но уште е на чело на „Соравија“ во ГТЦ во Скопје. Тој влегол во оваа фирма како директор и управител со позајмени пари токму од оснивачкиот влог од три милиони евра на Ник Мехмети, газдата на „Тор“ и на стриптиз-баровите во Далас.
Предметот против Дрин Ахмети уште е во предистражна постапка.
„По барање на дел од институциите што активно работат по наредбите на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжен е рокот за нивно постапување и дадени се насоки до повеќе релевантни институции со чија помош треба да се расветли случајот“, вели Обвинителството за организиран криминал.