Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре до средината на следната недела времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30 степени Целзиусови, додека на места ќе надминат 40 степени Целзиусови, информираше денес Управата за хидрометеоролошки работи.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локално нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Институтот за јавно здравје неодамна издаде препораки за заштита на старите лица од топлото време.
Препорачливо е постарите лица да избегнуваат изложување на сонце и работа на отворено помеѓу 11:00 и 17:00 часот. Носете лесна, светла памучна облека, заштитни очила за сонце, шапка со висок и широк обод и крема за сончање со UV 30+ фактор кога сте изложени на сонце. Пијте повеќе вода од вообичаено и не чекајте додека не почувствувате жед за да пиете вода. Избегнувајте алкохолни пијалоци, како и оние што содржат кофеин и екстремно ладни пијалоци. Доколку вашиот лекар поставил ограничувања за внесот на течности, консултирајте се со вашиот лекар.
Препорачливо е да се избегнува користење на шпорети, рерни и слични апарати помеѓу 11:00 и 17:00 часот.
„Лицата со хронични заболувања, особено оние со кардиоваскуларни, невролошки и респираторни заболувања, мора да бидат исклучително дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат терапијата“, нагласува ИЈЗ.
За сите промени во вашата здравствена состојба, како што е наведено, дефинитивно треба да се консултирате со вашиот матичен лекар.