Топлотниот бран се шири низ Европа: Во Италија и Шпанија температура речиси 50 степени Целзиусови

Јужна и источна Европа се подготвуваат за рекордни температури. Делови од Италија би можеле да достигнат температури до 48 степени Целзиусови, што предизвикува страв од зголемување на смртните случаи поврзани со горештините.

Во Хрватска, Франција, Грција, Шпанија и Турција може да се очекува температурите да достигнат и 40 Целзиусови степени.

Метеоролозите велат дека на порастот на температурата влијаел антициклонот наречен Cerberus. Оваа област со висок притисок започна во Сахара пред да се пресели низ Северна Африка, а потоа да стигне до Медитеранот.

Италијанските острови Сардинија и Сицилија би можеле да достигнат температура од 48 степени Целзиусови во наредните денови, а рекордот го држи до август 2021 година, кога температурата на Сицилија изнесувала 48,8 степени Целзиусови, што е највисока температура досега забележана во Европа.

Рим, Болоња и Фиренца се меѓу 10-те италијански градови кои во моментов се под црвена метеоролошка тревога поради екстремните горештини.

Шпанската метеоролошка служба објави дека термометрите би можеле да достигнат температура од 45 степени Целзиусови. Во Грција се предвидува топлотен бран во наредните денови во некои делови од земјата да доведе до температури до 44 Целзиусови степени.

Властите го забранија пристапот до природните резервати и шумите за да го намалат ризикот од шумски пожари, додека општините отворија климатизирани простори во јавните згради за да ги задржат луѓето од топлината.

Температурите на Кипар исто така може да се искачат до 42 Целзиусови степени, додека Србија и Романија во понеделник би можеле да се соочат со 39 степени Целзиусови. Делови од Хрватска до крајот на неделата очекуваат 38 степени Целзиусови, а во Франција 37 Целзиусови степени.

Агенцијата на ОН предупреди дека има 90 отсто шанси Ел Нино да продолжи до крајот на годината со умерена или поголема сила.

Овој глобален временски феномен се случува кога водите во Тихиот Океан стануваат многу потопли од вообичаеното.