Тошковски: Добив известување, ЕУ нема да прави проблеми за патување со стари пасоши

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека денеска добил писмо од Брисел, во кое стои дека Европската Унија нема да направи проблем доколку граѓаните на Република Македонија мора да патуваат со пасоши со старото уставно име .

Тошковски, денеска повторно ги повика пратениците во Собранието да ги поддржат измените за продолжување на рокот на важност на патните исправи.

„Денеска добив писмена информација дека Комисијата за патни документи при Европската комисија одржала состанок и ме информираа дека ќе го разберат проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70 илјади со стари пасоши се во Германија, Германците го имаат како дадено, ние немаме. Без проблем ќе можат да одат во Унгарија и Чешка, но нема да можат да ја напуштат Македонија доколку се вратат дома“.

„Европскиот комитет дава мислење за земјите да имаат разбирање. И ова што го правиме – само Македонија, освен Грција, ќе го прекрши основното човеково право на слобода и движење, бидејќи пратениците од владејачката структура – СДСМ и ДУИ, не сакаат да гласаат за законот“, рече Тошковски.