Тошковски уште еднаш ги повика пратениците на СДСМ и на ДУИ да го изгласаат Законот за патни исправи.
„Нека го сменат законот, барам 10 месеци, барам разумност. Во моментов само ние го кршиме меѓународното право, само Македонија и Грција“, рече Тошковски.
Според него, има околу 105.000 фотографирани граѓани кои немаат добиено патна исправа, како што рече, оние што се фотографирани од денеска би ги добиле пасошите доколку динамиката оди како што треба, ќе ги добијат за еден месец, на најмногу еден и пол. Во овој момент, информира Тошковски, на активниот телефонски број има 75.000 нови термини за фотографирање за термини за добивање нови лични документи.
Тој исто така додава дека во текот на изминатите неколку дена биле закажани уште 56.000 лица кои претходно имале закажано за фотографирање во месеците јуни, јули или август.
За проблемот со патните исправи, како што рече, за здравствени случаи, каде што има итна потреба, луѓето можат да се обратат во неговите канцеларии.
„Со вистинска комуникација, за тие луѓе секогаш ќе се обезбедуваат пасоши, а за ова секогаш оставаме бројка од илјада или две илјади, во зависност од тоа колку обрасци имаме“, рече Тошковски.