Тошковски и Коцевски најавија жестока битка против криминалот

Со новиот протокол за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство се засилува институционалната координација за откривање и гонење на кривичните дела и сторителите, како и за поефикасно спроведување на кривичната постапка.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и јавниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски денеска потпишаа нов Протокол за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, со кој се засилува институционалната координација за откривање и гонење на кривичните дела и сторителите, како и за поефикасно спроведување на кривичната постапка.

На чинот на потпишувањето, министерот Тошковски истакна дека подобрувањето и јасното дефинирање на системот за борба против криминалот значи и постојано унапредување на „правилата на игра“, кои овозможуваат поефикасна меѓуинституционална соработка.

– Прецизните правила значат поголема ефикасност за институциите, за правдата и за законите, ќе ја зацврстат нашата меѓусебна координација и ќе креираат една силна институционална алатка повеќе за борба со сите форми на криминал и корупција со кои се среќаваме секојдневно. Со потпишување на овој Протокол ги поставуваме темелите на доверба и соработка, каде што заедничката цел е јасна – успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка – изјави Тошковски.

Тој појасни дека документот утврдува конкретни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители во сите активности за откривање и гонење на сторители на кривични дела, што треба да го подобри и целокупното функционирање на кривичниот прогон.

– Ова не е само правен документ, туку и знак на волја за заедничка акција, заснована на доверба, транспарентност и отчетност – додаде министерот Тошковски.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски ја истакна практичната, оперативна вредност на новиот Протокол, нагласувајќи дека станува збор за инструмент кој ја олеснува секојдневната координација помеѓу институциите.

– Протоколот не е некаква политичка декларација, туку оперативен план заснован врз нашите закони за кривична постапка. Ги поедноставува процедурите за соработка, обезбедува јасност во сложените случаи и ја засилува координацијата во посебните мерки за истрага. Нашите институции се соочуваат со високо софистицирани форми на криминал и овој Протокол ќе ни помогне да се адаптираме и да се соочиме со тие предизвици – рече Коцевски.

На настанот присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, кој имаше активна улога во процесот на креирање на документот.

– Овој чекор ќе го засили делот на спроведување на кривичната постапка, ќе има видлив оперативен ефект и ќе поплочи патот кон заеднички обуки и практики. Стандардно оперативните процедури и практични алатки ќе овозможат многу поефикасна борба со сложените криминални случаи, корупцијата, организираниот криминал, финансиските криминали и сајбер криминалот – нагласи Вал.

Со новиот Протокол, институциите се поставуваат на ново, повисоко ниво на соработка во борбата со криминалот и корупцијата, потпирајќи се на доверба, јасни процедури и заедничка цел – владеење на правото.