Македонија не заслужува да биде држава ако на крајот немаме правда за Кочани, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во врска со големата трагедија што ја снајде земјата.
Министерот, сепак, изразува жалење, како што вели, за политичките мршојадци кои прават сериозна манипулација со фактичката состојба.
„Како се обидуваат да ја искриват фактичката состојба и како се обидуваат да манипулираат со мислењето во земјата. Нека им служи на чест“, рече министерот во подкастот „ВМРО-ДПМНЕ флет“.
Според него, во тек е неселективна и темелна истрага, во која се вклучени поранешни градоначалници, поранешни и сегашни министри, поранешни и сегашни инспектори, поранешни и сегашни началници, полициски службеници…
„Со затворањето на двете истраги и поднесувањето на обвиненија, граѓаните на земјата ќе можат да видат што, зошто и како е преземено од страна на Јавното обвинителство. Моето лично мислење е дека Јавното обвинителство досега добро ја води истрагата. Верувам дека семејствата на трагично починатите и секој граѓанин на земјата треба да ја видат правдата“, рече Тошковски.