Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на презентација на најновиот софтвер за управување со воздухопловни операции, специјално дизајниран за потребите на хеликоптерските единици при Министерството за внатрешни работи.
Министерот Тошковски истакна дека хеликоптерските операции се од клучно значење за Министерството за внатрешни работи, без разлика дали се работи за спасување, транспорт, противпожарни, полициски или цивилни операции и затоа е потребен висок степен на организираност, координација и доверливост во извршувањето на мисиите.
„Комплексноста на операциите во хеликоптерските единици бара постојано прилагодување и брза реакција во секој момент. Создадовме софтвер кој ќе ги обедини сите аспекти, интегрирано управување, автоматизација на процесите, со цел подобра координација и поддршка за донесување брзи одлуки. Ја видовме важноста на хеликоптерските единици во справувањето со пожарите и колку е важна брзата и професионална реакција за да се обезбедат граѓаните и од овој аспект“.
„Еден од стратешките планови на новото раководство на Министерството за внатрешни работи, вклучително и Владата, е дигитализација на процесите насочени кон побрзи и подобри услуги за граѓаните, подобрување на полициските процеси што ќе создаде модерна и ефикасна полиција која ќе успешно се бори со сите видови криминал и корупција и ќе ја гарантира безбедноста на секој граѓанин и на државата“, нагласи министерот Тошковски.