Тошковски од Азербејџан: Да градиме пријателство за поефикасно да се соочиме со современите безбедносни предизвици

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера и денеска е во работна посета на Азербејџан на покана на министерот за внатрешни работи на Азербејџан, Вилајат Ејвазов.

Како што соопшти МВР, министерот Тошковски истакнал дека оваа средба е од големо значење за зајакнување на билатералната соработка во областа на безбедноста и размена на искуства за современите безбедносни предизвици.

„Со министерот Ејвазов разговаравме за форми на соработка кои досега не се воспоставени. Азербејџан, како земја од стратешко значење што поврзува различни региони, има богато искуство во справувањето со безбедносните закани од глобален карактер. Затоа се договоривме да ја формализираме идната соработка преку договор за безбедносна соработка и меморандум за разбирање меѓу нашите центри за обука. Со ова ќе се овозможи размена на искуства, заедничка обука и унапредување на капацитетите на безбедносните структури“, нагласи министерот Тошковски.

За време на посетата, делегацијата на МВР имаше можност да се запознае со напредните безбедносни системи во Азербејџан, особено со нивниот систем „Безбеден град“ и Интелигентен систем за управување со транспортот. Овие системи се едни од најмодерните во светот и дел од нивното искуство ќе помогнат во развојот на урбаниот безбедносен систем во Република Македонија.

„Меѓународната соработка во областа на безбедноста е од суштинско значење, дури и со земји кои се географски далеку од нас. Светот денес се соочува со нови и сложени предизвици кои не познаваат граници. Размената на искуства, добри практики и партнерства со земји кои имаат развиено безбедносни решенија придонесуваат за зајакнување на нашиот систем а со тоа и за повисоко ниво на заштита на нашите граѓани“, се наведува во соопштението