Тошковски од Минхен: Безбедноста е темел за стабилна држава, во време на закани мора да бидеме активни учесници во меѓународниот дијалог
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е дел од делегацијата на Минхенската безбедносна конференција – најважниот глобален форум за безбедносни прашања, што ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Безбедноста е основа за стабилна држава! Наспроти новите глобални закани, Македонија мора да биде активен учесник во меѓународниот дијалог. Нашата улога во НАТО, регионалната стабилност и борбата против транснационалниот организиран криминал се клучни не само за нас, туку и за европскиот безбедносен систем. Македонија е моќна на меѓународна сцена! Нашето присуство овде покажува дека Македонија не е само набљудувач, туку е и активен учесник, држава со јасна визија и позиции. Се бориме за заслужено место во Европа и за сигурна, стабилна и перспективна иднина за сите граѓани“, објави Тошковски на Фејсбук.
На маргините на конференцијата, делегацијата од Северна Македонија оствари билатерални средби со хрватската делегација, предводена од премиерот Андреј Пленковиќ, на кои се разговарало за заедничките предизвици, европската интеграција и продлабочувањето на меѓусебната соработка.