Тошковски: Секторот за внатрешна контрола не најде вина кај полицаецот од Куманово кој го тргна албанското знаме
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска информираше дека е отворена истрага за полицаецот од Куманово, кој на денот на албанското знаме го тргнал албанското знаме од бандерата на улица.
Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи, во рамки на утврдените дејствија што се извршени, не констатира дека предметното лице прекршило некоја стандардна оперативна постапка во полицијата.
„Во извршените утврдени дејствија од страна на дотичниот не е утврдено дека прекршил некоја стандардна оперативна процедура во рамките на Министерството за внатрешни работи колку што сум информиран. Тогаш можеме да видиме што е, како е“, вели Панче Тошковски.
Вкупно 17 лица, од кои повеќето малолетни, се приведени поради сквернавење на македонското и албанското знаме.
За овој случај реагираа и од ДУИ кои одлуката ја нарекоа сериозна провокација за соживот.
„Одлуката на Министерството за внатрешни работи да го затвори случајот со полицаецот кој го понижи албанското национално знаме без никаква одговорност или казнена мерка е срамен чин и јасен знак за легализација на дискриминацијата на Албанците во Северна Македонија.
Оваа акција покажува тотален неуспех на институциите да го заштитат достоинството на Албанците и да го гарантираат почитувањето на основните права“, се вели во реакцијата на ДУИ.