Тошковски: Се собираат дополнителни докази, дали е организирано бегството на Груби

Во моментов се собираат повеќе докази дали полицаецот кој бил на должност кога поранешниот заменик Премиер Артан Груби ја напушти државата затоа што направил невнимателна грешка или пак бил организиран во одредена група која го организирала бегството, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„За ова е отворена истрага и постапува Основното јавно обвинителство, а во рамките на она што го имаме како несоборливи докази против лицето поднесовме кривична пријава и тој е суспендиран од работа. Во моментов се истражува дали имало комуникација и каква била таа комуникација“, изјави Тошковски за „ТВ24“.

Тој нагласи и дека за да се спречи токму ова сценарио, направени се посериозни подготовки и ангажирани се сите ресурси.

Според него, на граница имало и други дополнителни служби кои морале да реагираат доколку има бегство, но, како што истакна, не реагирале бидејќи се работи за тајна операција.

Тошковски нагласи дека тоа што Артан Груби не изразува иницијатива за враќање во земјава е доволен показател дали е виновен или не.