Тошковски: Факт е дека во Македонија во последните месеци имавме хибриден напад, институциите дејствуваат
Факт е дека во последните месеци во Македонија имавме хибриден напад, од повеќе страни, во многу области одредени витални точки во земјата се загрозени, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласувајќи дека МВР дејствува и дека во овој момент не може да даде повеќе детали за јавноста.
На прашањето дали има нови или сомнителни траги од центрите на моќ, кои според реториката што ја слушаме стојат зад пожарите, Тошковски кратко одговори „да, имаме“, но без да даде дополнителни детали.
„Хибридните закани се термин што се користи многу често во научната мисла и во пракса, особено од безбедносните служби. Факт е дека во Македонија имавме хибриден напад во последните месеци, од многу страни, во многу области одредени витални точки во земјата се загрозени. Сите го гледаме ова. Луѓето од оваа земја го гледаат ова, вие новинарите и институциите го гледате ова. Дали дејствуваме? Ние дејствуваме. Може ли во овој момент да објавам дополнителни информации? Не“, изјави Тошковски, одговарајќи на прашање од новинарите по 16-та меѓународна научна конференција „Системска корупција – најголема безбедносна закана: Стратешки безбедносни пристапи за решавање на сложени предизвици“, организирана од Факултетот за безбедност – Скопје.
На прашањето дали е утврдено кои центри на моќ стојат зад пожарите, Тошковски рече дека во овој момент не може да даде повеќе детали.