“ТОЈ МОЖЕ ДА ДОБИЕ НОКАУТ!“ – Володимир Зеленски остро му се закани на Виталиј Кличко – жесток конфликт во Киев: “Се чини дека имаме внатрешни непријатели!“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го нападна градоначалникот на Киев и поранешен боксер Виталиј Кличко, откако тројца жители на главниот град беа убиени во ракетен напад бидејќи не можеа да влезат во засолниште.
Полицијата започна кривична истрага откако мајка заедно со својата 9-годишна ќерка и уште една жена беа убиени во руски ракетен напад во четвртокот, откако засолништето во кое се обидувале да се сокријат не се отворило на време.
„Засолништата мора да бидат достапни. Ситуацијата што се случи во Киев никогаш повеќе не треба да се повтори. Должноста на локалните власти да обезбедат дека засолништата се достапни 24 часа на ден е многу јасна. Болно е да се види таква негрижа. Болно е да се видат жртвите. Доколку должноста не се исполни на терен, директна обврска на органите на прогонот е да ги гонат одговорните“, изјави претходниот ден Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател претходно зборуваше од Молдавија и кажа дека Украина се соочува со руската агресија, но дека има и внатрешен проблем и дека одговорот на тоа може да биде со „нокаут“, а Daily Mail пишува дека ова е порака за поранешниот боксер во тешка категорија – шампион Кличко.
„Некој мора да одговара затоа што граѓани загинале бидејќи не можеле да влезат во засолништето. Како да не е доволно да ја имаме Русија за непријател, имаме и внатрешни. Може да дојде до нокаут“, рекол видно бесниот претседател на државата.
Володимир Зеленски и Виталиј Кличко се во конфликт уште од почетокот на војната, а британските медиуми наведуваат дека последниот конфликт е знак за криза во украинските политички редови.
Во декември, украинскиот претседател ги критикуваше Виталиј Кличко и неговите градски власти дека не направиле доволно за да обезбедат засолништа и да им помогнат на Украинците без струја или греење по руските напади врз енергетскиот систем.
„За жал, локалните власти не се претставија добро во сите градови. Во Киев има многу поплаки. Тие треба да направат многу подобро. Нека обрнат внимание. На жителите на Киев им треба поголема поддршка… Многумина се без струја 20, па и 30 часа. Очекуваме квалитетна работа од кабинетот на градоначалникот“, изјави тогаш Володимир Зеленски.
Виталиј Кличко подоцна ги отфрли критиките за зимските подготовки, велејќи дека верува дека тоа е „политичка изјава“ и дека изгледа „чудно“ за странските влади кои ја поддржуваат Украина.
„Изгледа чудно кога сме обединети против еден непријател, но почнуваме да се бориме внатре во државата. Нашите странски партнери велат дека имаме заеднички непријател, а не можеме да ги решаваме работите меѓу себе. Убеден сум дека зад ова стои политика бидејќи претставниците на една политичка група почнаа да трчаат наоколу обидувајќи се да најдат грешки во Киев“, изјави тогаш Виталиј Кличко.
Daily Mail пишува дека Володимир Зеленски го смета Виталиј Кличко, кој беше избран за градоначалник на Киев во 2014 година, за сериозен политички ривал. Градоначалникот на Киев, наводно, планира да ја оживее својата политичка партија УДАР и би можел да стане лидер на сојузот на незадоволните регионални елити.
„Како што украинската политика почнува да заживува, конфликтот меѓу претседателската администрација и градоначалникот на Киев само расте“, изјавил Константин Скоркин од истражувачкиот центар на Фондацијата „Карнеги“ за меѓународен мир.
Виталиј Кличко, кој сега е во својата деветта година како градоначалник, се сметаше за еден од најистакнатите политички противници на Володимир Зеленски пред руската инвазија и тие често се судираа околу политиката.
Поранешниот боксер е сојузник на поранешниот украински претседател Петро Порошенко, лидер на опозициската партија Европска солидарност, а двајцата би можеле да претставуваат закана за Володимир Зеленски, кој моментално го контролира мнозинството од украинскиот парламент.