ТРАГЕДИЈА ВО ИТАЛИЈА: Потона брод со туристи на езерото Маџоре, најмалку три лица загинаа, едно е исчезнато
Најмалку три лица загинаа откако брод со повеќе од 20 патници потона во езерото Маџоре во северна Италија, објавија локалните медиуми.
Според информациите, уште едно лице е исчезнато.
Бродот се превртел во неделата вечерта меѓу градовите Сесто Календа и Арона. Италијанската противпожарна служба соопшти дека 19 лица се безбедни, но потрагата по исчезнатите продолжува.
Претседателот на регионот Ломбардија, Атилио Фонтана изјави дека оваа несреќа се случила поради лошото време.
„Бродот беше долг 16 метри и беше изнајмен од туристи“, рече тој во објава на Фејсбук.
La Repubblica објави дека на бродот имало 25 луѓе кои го прославувале својот роденден. Во еден момент чамецот се превртел, а потоа набрзо потонал.
Сите на бродот паднале во водата, но многу од нив успеале да допливаат до брегот или биле спасени од други чамци, пишува Би-Би-Си.
Во потрагата по исчезнатото лице учествувале и нуркачи и хеликоптер, а на терен се и неколку возила на брза помош.
Езерото Маџоре, кое се наоѓа на јужната страна на Алпите, го делат Италија и Швајцарија и е популарна дестинација за туристите.
Во областа изминатиот ден владее лошо време, а италијанската метеоролошка служба издаде предупредување за невреме со грмотевици.