Трагедија во Мјанмар: Објавен најновиот биланс на жртви од разорниот земјотрес – 1.640 загинати!

Повеќе од 1.640 луѓе загинаа, 139 се водат за исчезнати, а 3.408 се повредени, што е најновиот биланс на жртви од разорниот земјотрес што во петокот го погоди Мјанмар, јавуваат агенциите, повикувајќи се на податоци од владејачката воена хунта во земјата, додека Бангкок официјално објави дека 10 лица загинале во Тајланд, а 78 се водат за исчезнати.

Според првичните проценки на мјанмарската опозициска Влада на национално единство (НУГ), во земјотресот со јачина од 7,7 степени биле оштетени најмалку 2.900 згради, 30 патишта и седум мостови.

Поради значителна штета, аеродромите во главниот град Најпитав и Мандалај се привремено затворени, се вели во соопштението на НУГ, група составена од членови на демократски избраната влада која беше соборена од војската во 2021 година, со што започна граѓанската војна во Мјанмар.

x AP Aung Shine Oo.jpg

Извори на Ројтерс соопштија дека контролната кула на аеродромот во главниот град се урнала.

Американскиот геолошки институт предвидува дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10.000, додека економската штета би можела да биде поголема од годишниот БДП на земјата.

Лидерите на воената хунта во Мјанмар во петокот апелираа за меѓународна помош, многу земји веќе почнаа да и помагаат на земјата, а Русија, Индија, Малезија и Сингапур испратија авиони со хуманитарна помош и спасувачки тимови.

Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди првична хуманитарна помош за Мјанмар преку меѓународни организации.

Помош најавија и САД, кои имаат тензични односи со војската на Мјанмар, вклучувајќи го и лидерот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг.

Кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговарал со лидерот на хунтата, соопшти кинеската амбасада, а Пекинг најави помош од над 13 милиони евра.