Трамп вели дека не се шегува кога зборува за својот трет претседателски мандат

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во неделата дека воопшто не се шегува кога го споменува можниот трет претседателски мандат, иако американскиот Устав тоа го ограничува на два мандата, но вели и дека е прерано за тоа да се размислува сега.

Трамп, кој на 20-ти јануари по вторпат го презема мандатот во Белата куќа, каде се врати по четирите години на претседателот Џо Бајден, досега имаше индиректни алузии за третата кандидатура, но тоа директно го спомена во неделата во телефонското интервју за телевизиската мрежа NBC News.

„Не, не се шегувам. Не се шегувам. Но прерано е да се размислува за тоа… Има методи со чија помош тоа може да се направи, како што знаете“, рече Трамп.

Сепак, републиканецот, кој беше претседател од 2017 до 2021 година, одби да појасни за какви методи станува збор.

Од неодамна откако првпат беше наспомната можноста Трамп да се кандидира и за трет претседателски кандидат, демократите и медиумите посочија дека според 22-от амандман од американскиот Устав, американските претседатели се ограничени на два четиригодишни мандати. Меѓутоа, се појавија и толкувања дека е нејасно дали тоа се однесува на два последователни мандата или воопшто на два мандата, при што се наведуваат некои историски случаи но кои немаат поврзаност со актуелната состојба.