Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе воведе царини за Европската унија. Трамп рече дека ЕУ и другите земји имаат загрижувачки трговски суфицити со САД. „Европската унија се однесува многу, многу лошо со нас“, рече тој. „Значи, тие ќе мора да се соочат со царините. Тоа е единствениот начин да се дојде до правдата“, додаде тој.
Трамп изјави дека размислува за воведување царина од 10 отсто за увоз на кинески стоки веќе од 1 февруари. Во претходните изјави за новинарите во Белата куќа, тој ја оправда оваа мерка со тврдењето дека Кина испраќа фентанил во САД преку Мексико и Канада. Овие изјави следеа по заканите на Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада.
Европска Унија: Подготвени сме за договор
Еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ вчера му подаде рака на помирување на Вашингтон, само два дена откако американскиот претседател положи заклетва. Во интервју за Политико, Шефчовиќ рече дека Брисел е подготвен да соработува со новата администрација во Вашингтон – и покрај постојаните закани на Трамп дека ќе воведе царини за стоки од блокот од 27 земји-членки.
„Многу внимателно ги следиме пораките што доаѓаат од Белата куќа“, рече Шефчовиќ во своето прво интервју по преземањето на функцијата во декември, говорејќи на маргините на Светскиот економски форум. „Нашата порака е јасна: подготвени сме за дијалог. Сакаме да ставиме пакет за соработка на маса и отворени сме да разговараме за сите прашања што ги мачат нашите американски партнери. Можеме да градиме соработка на тоа.
Загриженост низ Европа
Заканите на Трамп за царини предизвикаа загриженост во Брисел и меѓу владите ширум Европа во време кога економијата на континентот е ослабена. Неговото ветување дека ќе воведе остри царини за Кина предизвика стравувања дека евтините кинески производи, кои инаку би завршиле на американскиот пазар, би можеле да го преплават европскиот пазар.
Изјавите на Шефчовиќ, во кои тој ја изразува својата подготвеност за отстапки, го следат планот на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, која во вторникот испрати суптилна порака до Трамп. Иако не го спомна директно, таа посочи дека ЕУ има бројни можности, вклучително и зајакнување на соработката „не само со долгорочните партнери со слични ставови, туку и со сите земји со кои споделуваме интереси“.
Фон дер Лајен веќе сугерираше дека еден начин да се одврати Трамп од новите царини може да биде зголемување на увозот на американскиот течен природен гас. Друга опција за да се добие корист на Вашингтон би била набавка на американска воена опрема.
„Тие се однесуваат лошо со нас и затоа ќе мора да се соочат со царини“
Иако Трамп допрва треба да ја исполни својата закана дека ќе воведе универзални царини, откако ја презеде функцијата тој продолжи да ја критикува ЕУ, обвинувајќи ја дека има голем трговски дефицит меѓу двете страни на Атлантикот.
„Воопшто не ги увезуваат нашите автомобили. Речиси воопшто не ги купуваат нашите земјоделски производи. Тие земаат малку. Имаме трговски дефицит од 350 милијарди долари со Европската унија. Тие не третираат лошо и затоа ќе мора да се соочат со царини “, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Шефчовиќ, функционер на Европската комисија познат по својата смиреност, не дозволи да биде испровоциран. „Овој однос е толку важен и вреден што мораме да го заштитиме. Треба да се фокусираме на тоа како дополнително да го подобриме“, нагласи тој, истакнувајќи дека трансатлантската соработка сочинува повеќе од 40 отсто од глобалниот бруто домашен производ.