Трамп ги врати визите за странски студенти

Службата за имиграција и царина на САД (ICE) одлучи да го врати правниот статус, односно студентските визи, на странските студенти во САД што имаа намера да ги депортираат, според одлуката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Според AP News, ваквата одлука е донесена по голем број жалби поднесени од странски студенти во Америка, а некои од нив веќе ги добиле визите кои ICE ги укина.

Официјалните податоци покажуваат дека до 1.200 студенти останале без визи како резултат на директна одлука на ICE, откако администрацијата на Трамп започна масовна операција за депортација.

Многу од нив го загубија правниот статус поради политички ставови, имено учество во пропалестински протести во универзитетските кампуси во САД.

Најпознат е случајот со Румејса Озтурк, студентка од Турција, која ја изгубила визата поради едиторијал објавен во студентскиот весник.

Иако првиот амандман на американскиот Устав ја гарантира слободата на собирање, многу студенти беа изложени на ризик од депортација поради учество во пропалестински протести, но судскиот притисок, според AP News, дал резултати и се очекува тие да останат на своите универзитети.