Трамп го нападна Apple: Ако следниот iPhone не е „направен во САД“, ќе следи казна

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот побара од „Епл“ да ги произведува своите „ајфони“ во САД или ќе се соочи со царина од 25 проценти.

„Одамна го информирав Тим Кук од Apple дека очекувам iPhone-ите што се продаваат во Соединетите Американски Држави да бидат произведени и склопени во Соединетите Американски Држави, а не во Индија или било каде на друго место. Ако тоа не е случај, Apple мора да плати царина од најмалку 25 проценти на Соединетите Американски Држави“, објави Трамп во петокот наутро на мрежата Truth Social.

Минатата недела, за време на неговата посета на Блискиот Исток, Трамп изјави дека е незадоволен од извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, поради планот на компанијата да произведува „ајфони“ за американскиот пазар во новоизградени фабрики во Индија.

„Имав мал проблем со Тим Кук. Му реков: „Тим, ти си мој пријател. Се однесував добро со тебе. Дојде со 500 милијарди долари. Но сега слушам дека градите фабрики низ цела Индија. Не сакам да градите во Индија“, рече Трамп минатата недела во Катар.

Кук повторно се сретна со Трамп во Белата куќа во вторник, изјави функционер на администрацијата за Си-Ен-Ен. Службеникот не откри што било разговарано за време на состанокот. Apple не одговори веднаш на барањето на CNN за коментар.