Трамп започна трговска војна: Потпишани царини за увоз од Канада, Мексико и Кина

Претседателот Доналд Трамп во саботата ја исполни својата закана дека ќе воведе нови царини за двата најголеми трговски партнери на САД – Мексико и Канада.

Заменик-секретарот за печат на Белата куќа, Харисон Филдс, објави на социјалните мрежи потврдувајќи ја оваа одлука. Потпишани се тарифите за увоз од Канада, Мексико и Кина!

Трамп рече дека неговата цел е да ги принуди тие земји да преземат акција против илегалната имиграција и протокот на фентанил, синтетички опиоид, преку границата.

Трамп, исто така, се закани дека ќе воведе царина од 10 отсто на стоки од Кина, земјата со најголем трговски дефицит со САД.

Најавата на Филдс не прецизира кога ќе стапат на сила тарифите, но Трамп најави дека тоа ќе биде во сабота. Сепак, канадските власти изјавија за Њујорк Тајмс дека тоа нема да стапи на сила пред вторник.

Царинските давачки се даноци на увезената стока кои се плаќаат при влез во земја, а се на товар на фирмата или поединецот што ги увезува. Економистите се речиси едногласни дека цената на тарифите на крајот се пренесува на потрошувачите преку повисоки цени.

Сè уште не е јасно дали потегот на Трамп ќе успее, но потенцијалните трошоци за американската економија би можеле да бидат огромни, или преку зголемување на цените за потрошувачите или преку одмазднички мерки кои би го означиле почетокот на трговската војна на континентот.

Во 2023 година, последната година за која се достапни целосни податоци, Канада беше најголемиот трговски партнер на САД, купувајќи американски стоки и услуги во вредност од 441 милијарди долари, според Бирото за економски анализи. Мексико беше веднаш зад, со увоз на американски стоки и услуги во вредност од 367 милијарди долари.

Овие две земји беа и најголемите извозници во САД. Мексиканскиот извоз во САД беше 529 милијарди долари, најмногу од која било земја, додека канадскиот извоз беше втор со 482 милијарди долари.

САД имаат трговски дефицит со Мексико од 1999 година, што значи дека Американците купуваат повеќе стоки од Мексико отколку што продаваат таму. Ситуацијата со Канада варираше – меѓу 2014 и 2023 година, САД имаа пет трговски дефицити и пет трговски суфицити.