Трамп има порака за Велика Британија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека Велика Британија треба да ги намали даноците врз нафтената индустрија во Северното Море и оцени дека сегашните давачки се толку високи што „губат секакво значење“.

Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече Северното Море „богатство“ и предупреди дека сегашната даночна политика го задушува потенцијалот на секторот и директно влијае на растот на трошоците за енергија за домаќинствата.

Нафтените и гасните компании во Велика Британија моментално подлежат на вкупна даночна стапка од 78 проценти, што го вклучува и таканаречениот дополнителен данок на добивка воведен во 2022 година како одговор на зголемувањето на цените на енергијата за време на војната во Украина.

Во меѓувреме, глобалните цени на нафтата и гасот паѓаат, но британската влада планира да го задржи данокот до 2030 година – привлекувајќи сè поголеми критики од самата индустрија, а сега и од политичарите во други земји.

Изјавите доаѓаат еден ден откако Трамп и британскиот премиер Кир Стармер одржаа заедничка прес-конференција во голф-одморалиштето на Трамп во Шкотска, објави британски Телеграф.

За време на состанокот, Трамп му рече на Стармер дека мора да „ги намали даноците и да ја запре нелегалната миграција“ ако сака да го победи Најџел Фараж на следните избори.

Порано овој месец, американскиот претседател ги повика британските власти да „се ослободат од ветерните турбини во Шкотска“ и да се фокусираат на екстракција на фосилни горива.