Трамп им нуди пари на државните службеници да дадат отказ
Администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека нуди стимулации за речиси сите федерални вработени да дадат отказ и предупреди на плановите за намалување на јавниот сектор.
„Програмата за одложена оставка“ ќе им овозможи на федералните вработени да останат на платниот список до 30 септември, но не мора да работат, се вели во е-поштата испратена до федералните вработени до која увид имал Ројтерс.
Федералните отпремнини обично се ограничени на 25.000 американски долари. Вработените добија рок до 6-ти февруари да донесат одлука.
Во мејлот се наведува и дека администрацијата очекува „поедноставна и пофлексибилна работна сила“. Иако војската и некои агенции најверојатно ќе го зголемат бројот на својот персонал, повеќето агенции најверојатно ќе бидат намалени преку реструктуирање и отпуштања.
Претседателот на американската федерација на владини службеници Еверет Кели рече дека предлогот не треба да се смета за доброволен. Помеѓу низата извршни наредби и антиработнички политики, јасно е дека целта на администрацијата на Трамп е да ја претвори федералната влада во токсична средина каде што вработените не можат да останат дури и ако сакаат, рече тој.