Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека испратил две нуклеарни подморници „во соодветните региони“ поради изјавите на поранешниот руски претседател, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
„Врз основа на многу провокативните изјави дадени од поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација, наредив две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во соодветните региони, за секој случај ако овие глупави и провокативни изјави се повеќе од обична реторика.“
„Зборовите се многу важни и честопати можат да доведат до несакани последици, се надевам дека ова нема да биде еден од тие случаи. Ви благодарам за вниманието кон ова прашање“, напиша Трамп на TruthSocial.
Првата реакција на Русија
Пристигна првата реакција на Русија на оваа објава на Трамп.
„Во светските океани има значително повеќе руски нуклеарни подморници отколку американски, а тие имаат најмоќно оружје“, изјави за руската државна агенција Тасс, Виктор Водолацки, прв заменик-претседател на Комитетот на Државната дума за работи на Заедницата на независни држави, евроазиска интеграција и односи со сонародниците.
Тој додаде и дека бродовите што американскиот претседател Доналд Трамп нареди да бидат пренасочени „во соодветните региони“ долго време се под контрола и дека на Русија не ѝ е потребен посебен одговор на изјавата на американскиот лидер за подморниците.
„Не може да има одговор од наша страна, бидејќи совршено добро разбираме кој е Доналд Трамп. Последните месеци покажаа дека тој се предомислува 24 часа на ден“, рече Водолацки.
Судирот меѓу Трамп и Медведев
Ненадејното зголемување на тензиите доаѓа во време кога Москва започна повеќе напади со беспилотни летала врз Украина во јули отколку во кој било друг месец откако започна инвазијата во февруари 2022 година, според анализата на АФП што покажува дека бомбардирањето се интензивирало и покрај ултиматумите на американскиот претседател.
Трамп не прецизираше каде ќе бидат испратени подморниците, ниту дали ќе бидат подморници на нуклеарен погон или ќе носат нуклеарни боеви глави.
Републиканскиот милијардер, исто така, не објасни на какви коментари од Дмитриј Медведев одговара.
Трамп зборуваше за царините врз Индија, а потоа се потсмеваше на Русија и Медведев
Да потсетиме дека во последните денови имаше расправија меѓу Доналд Трамп и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој сега е лојален поддржувач на Владимир Путин.
Трамп пред два дена објави дека ќе воведе царини за индиска стока во износ од 25 проценти, обвинувајќи ја таа земја за претерано високи царини и блиски врски со Русија, прецизирајќи дека од 1 август ќе се воведе царина од 25 проценти за индискиот извоз, со дополнителни казни поради купувањето руска нафта и оружје.
Моментално, основната стапка на царински давачки за индиските производи што се извезуваат во САД е 10 проценти. Трамп ја опиша Индија како земја со „најтешки и најнезгодни немонетарни трговски бариери од која било друга земја“. Наскоро тој сè објави на својата социјална мрежа Truth Social.
„Не ме интересира што прави Индија со Русија. Според мене, тие можат заедно да ги уништат своите мртви економии. Соработувавме многу малку со Индија, нивните царини се превисоки, меѓу највисоките во светот. Слично на тоа, Русија и САД речиси и да не соработуваат. Нека остане така и кажете му на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава што зборува. Тој влегува во многу опасна територија“, напиша Трамп.
Медведев го критикува Трамп и прикриено се заканува со нуклеарна војна
Медведев одговори на зборовите на Трамп за „опасна територија“ и „мртвите економии на Индија и Русија“. Тој му се потсмеваше на американскиот претседател и прикриено се закани со нуклеарна војна.
„Што се однесува до тврдењата за „мртвата економија“ на Индија и Русија и за „стапнувањето на опасна територија“ – нека се сетат на своите омилени филмови за „Живите мртовци“ и колку опасна може да биде измислената „мртва рака““, напиша Медведев, додавајќи емотикон за смеење на крајот од објавата.
Терминот „мртва рака“, како што се сеќаваме, се однесува на концептот на автоматски нуклеарен одмазднички удар во случај високата команда и клучните лидери да бидат неутрализирани во првиот напад. Со други зборови, тоа е систем или механизам што гарантира дека земјата ќе може да возврати со нуклеарен удар дури и ако непријателот успее да уништи дел или целата воена команда.
Кој е Медведев?
Медведев се појави како еден од најистакнатите антизападни јастреби на Кремљ откако Русија испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година.
Критичарите на Кремљ го исмејуваат како неодговорен, непредвидлив и опасен, иако некои западни дипломати тврдат дека неговите изјави го одразуваат размислувањето на високите лица кои донесуваат одлуки.
Медведев беше претседател на Русија од 2008 до 2012 година, помеѓу двата претседателски мандати на Владимир Путин, а потоа се сметаше за умерен реформист.