Трамп: Канада може бесплатно да се приклучи на ракетниот штит „Златна купола“ ако стане држава во САД
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека Канада „размислува“ да се откаже од своето државјанство во замена за заштита од предложениот систем за ракетна одбрана „Златна купола“ без никакви трошоци, и покрај тоа што канадските власти постојано изјавуваат дека земјата не е на продажба, објави „Фокс њуз“.
„Ѝ кажав на Канада, која навистина сака да биде дел од нашиот прекрасен систем „Златна купола“, дека ќе чини 61 милијарда долари ако останат посебна нација, но ќе чини нула долари ако станат наша сакана 51-ва држава. Тие ја разгледуваат понудата“, напиша Трамп на Truth Social.
Трамп во последните месеци се закани дека ќе ја анектира Канада, идеја на која силно се спротивставуваат канадските власти и нивните граѓани, објавува „Телеграф“.
Канадскиот премиер Марк Карни, кој минатиот месец обезбеди изборна победа делумно поради противењето на Канаѓаните на желбата на Трамп земјата да стане дел од САД, му рече на Трамп претходно овој месец дека неговата земја „никогаш нема да биде на продажба“.
Кралот Чарлс III, кој е познат како суверен на Канада, во вторникот одржа говор пред канадскиот парламент во кој се чини дека ја отфрли идејата на Трамп да ја купи северноамериканската земја и да ја направи 51-ва држава на САД.
„Канаѓаните можат да си дадат себеси многу повеќе отколку што која било странска сила на кој било континент може да земе. И дека, придржувајќи се кон канадските вредности, Канада може да изгради нови сојузи и нова економија што им служи на сите Канаѓани“, рече тој.

Што се однесува до „Златната купола“, Трамп минатата недела објави дека САД официјално ја избрале архитектурата за систем за ракетна одбрана што ќе создаде мрежа од сателити за откривање, следење и потенцијално пресретнување на дојдовни балистички ракети.
Американскиот претседател рече дека изградбата на проектот ќе чини 175 милијарди долари и се очекува да биде „целосно оперативен“ во рок од три години. Тој исто така рече дека Канада ќе биде вклучена во нејзината безбедносна мрежа.
„Канада ни се јави и сака да биде дел од тоа. Затоа ќе разговараме со нив; и тие сакаат да имаат заштита“, рече Трамп во тоа време.
Канцеларијата на Карни минатата недела соопшти дека имало „активни дискусии“ меѓу САД и Канада за тековните и новите безбедносни програми, вклучително и „Златната купола“.
„Канаѓаните му дадоа на премиерот силен мандат да преговара за нов сеопфатен безбедносен и економски однос со САД“, изјави портпаролот на Карни за Би-Би-Си.
„За таа цел, премиерот и неговите министри водат широки и конструктивни разговори со своите американски колеги. Овие разговори, секако, вклучуваат зајакнување на Северноамериканската команда за вселенска одбрана и сродните иницијативи, како што е Златната купола“, продолжи портпаролот.