Трамп: Можеби ќе им се придружам на Путин и Зеленски во четврток

Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека може да се придружи на евентуална средба меѓу рускиот и украинскиот претседател, која е закажана да се одржи во Турција во четврток, со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Зборувајќи денес во Белата куќа, Трамп рече дека верува оти состанокот има потенцијал да донесе резултати, но дека сè уште не знае дали ќе патува лично.

„Размислував да летам таму“

„Не го потценувајте четвртокот во Турција. Претседателот Ердоган е одличен домаќин. Со него работиме и на прашањето за Сирија… Мислам дека би можеле да имате добар состанок, постои потенцијал за добар состанок. Средбата не требаше да се одржи, а јас инсистирав да се случи… Можеби ќе добиеме добар резултат од тој состанок во четврток во Турција… Верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму. Размислував да одлетам. Не знам каде ќе бидам во четврток, имам толку многу состаноци… Но, постои можност, претпоставувам, ако мислам дека нешто може да се случи“, рече Трамп.

Моментално не е јасно дали Трамп е сериозен во врска со неговото пристигнување во Истанбул. Засега нема официјална потврда од Белата куќа за неговото заминување. Досега само Володимир Зеленски го потврди своето пристигнување во Турција, додека рускиот претседател Владимир Путин сè уште јавно не го потврди своето учество.