Трамп нареди повторно отворање на Алкатраз! Американскиот претседател објави кого ќе испрати во познатата „карпа“ од која нема бегање (ФОТО)
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди повторно отворање и проширување на Алкатраз, озлогласениот поранешен затвор на тешко достапен калифорниски остров во близина на Сан Франциско, кој е затворен повеќе од 60 години, а сега служи како туристичка атракција.
АП објави дека Трамп го објави тоа синоќа на својата социјална мрежа Твитер.
– Предолго време, Америка беше мачена од злобни, насилни и постојано осудувани криминалци, отпадоци од општеството, кои никогаш нема да донесат ништо на општеството освен беда и страдање. Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого на кого би можеле да му наштетат. Така треба да биде. Затоа денес издавам наредба до Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност, повторно да се отвори значително проширениот и реновиран АЛКАТРАЗ за да се сместат најсуровите и најнасилните криминалци во Америка – напиша Трамп.
Неговата директива за реновирање и повторно отворање на долго напуштениот затвор е најновиот обид на Трамп да го реформира начинот и местото каде што се држат федералните затвореници и имигрантските притвореници.
Американската агенција наведува дека таков потег веројатно би бил скап и предизвикувачки потфат.
Алкатраз беше затворен во 1963 година поради распаѓање на инфраструктурата и високата цена на поправка и снабдување на островскиот објект, бидејќи сè, од гориво до храна, мораше да се донесе со брод.
Доведувањето на објектот до современите стандарди би барало огромна инвестиција во време кога Бирото за затвори ги затвора затворите поради слични инфраструктурни проблеми.
Алкатраз е затвор познат по тоа што е практично невозможно да се избега од него поради силните океански струи и студените тихоокеански води што го опкружуваат, но „Карпата“, што е неговото друго име, е познат и по тоа што во него биле сместени некои од најозлогласените криминалци во историјата на САД, вклучувајќи го гангстерот Ал Капоне и Џорџ „Митранген“ Кели.
Тој беше и тема на бројни филмови, вклучувајќи го и „Карпата“ во кој глумат Шон Конери и Николас Кејџ.
Според ФБИ, во текот на 29-те години додека бил отворен, само 36 затвореници се обиделе да избегаат оттаму во 14 одделни случаи.
Речиси сите беа заробени или не го преживеаа обидот за бегство.
Единственото нешто што е непознато е судбината на тројца затвореници – Џон Англин, неговиот брат Кларенс и Френк Морис, чија приказна е снимена во филмот „Бегство од Алкатраз“ од 1979 година со Клинт Иствуд во главната улога.

Островот Алкатраз сега е главна туристичка локација и е прогласен за Национален историски споменик.
АП објави дека Трамп, исто така, наредил отворање на притворен центар во заливот Гвантанамо, Куба, во кој ќе бидат сместени до 30.000 од „најлошите криминалци од странско потекло“.