Трамп наскоро ќе биде во втора официјална посета на Велика Британија, кралот Чарлс ќе го угости во Виндзор

Кралот Чарлс ќе го угости актуелниот американски претседател Доналд Трамп за време на неговата втора државна посета на Велика Британија , соопшти денес Бакингемската палата, прецизирајќи дека посетата ќе трае од 17 до 19 септември.

„Неговото Височество Кралот ќе ги угости претседателот и г-ѓа Трамп во замокот Виндзор“, се вели во официјалното соопштение на палатата, додавајќи дека дополнителни детали ќе бидат објавени подоцна, пренесува Ројтерс.

Трамп минатиот месец изјави дека ја прифатил поканата на кралот Чарлс откако британскиот премиер Кир Стармер му го предаде писмото од монархот во Белата куќа.

Со оваа посета, Трамп ќе стане првиот политички лидер во модерната историја кој остварил две државни посети на Велика Британија на покана на британскиот монарх.

Покојната кралица Елизабета Втора го угости Трамп во јуни 2019 година за време на неговиот прв мандат како претседател, кога тој имаше приватен ручек со кралицата и чај со тогашниот принц Чарлс.Кралицата Елизабета, Доналд Трамп

Како што претходно објави Ројтерс, Трамп и Стармер планираат да се сретнат во Шкотска на крајот на јули, а точниот датум на таа средба сè уште не е потврден.

Извори велат дека двајцата лидери развиле блиски односи во последните месеци, а минатиот месец, на маргините на самитот на Г7, тие потпишаа рамковен трговски договор со кој се укинаа одредени американски царини за британски производи.

И покрај формалниот протокол, пристигнувањето на Трамп во Велика Британија предизвикува контроверзии, објаснува Ројтерс.

Канадскиот премиер Марк Карни ја критикуваше поканата до Трамп во мај, велејќи дека Лондон ги поткопува меѓународните напори да се спротивстави на неговите изјави за анексијата на Канада.

Претходните посети на Трамп на Обединетото Кралство беа обележани со масовни протести.

Според анкетите на јавното мислење, мнозинството граѓани на Велика Британија имаат неповолно мислење за поранешниот претседател на САД.

За време на неговата посета во 2018 година, беа распоредени повеќе од 10.000 полицајци од целата земја, а трошоците за безбедност надминаа 14 милиони фунти (околу 16 милиони евра).

Државните посети на Велика Британија традиционално вклучуваат богат протокол, возење со кочија низ центарот на Лондон и гала вечера во Бакингемската палата.