Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп изјави дека планира значително да ги зголеми царините за увоз од Индија поради купувањето руска нафта.
„Индија не само што купува огромни количини руска нафта, туку и продава поголем дел од купената нафта на отворен пазар за огромен профит. Не им е гајле колку луѓе се убиени во Украина од страна на руската воена машинерија. Затоа значително ќе ги зголемам царините што Индија им ги плаќа на САД“, напиша Трамп на Truth Social.
Предупредувањето доаѓа откако Индија не успеа да постигне договор со Белата куќа минатата недела за да обезбеди пониски тарифи за својот извоз во Америка, за разлика од другите големи трговски партнери, вклучително и ЕУ.
Трамп, исто така, се закани дека ќе преземе поагресивни мерки против способноста на Русија да ја финансира војната во Украина.
Рандхир Џајсвал, портпарол на индиското Министерство за надворешни работи, рече дека таргетирањето на Индија е неоправдано и неразумно.
Според официјалните податоци, Њу Делхи е најголемиот пазар за руска сурова нафта од 2023 година, увезувајќи 89 милиони тони минатата година, приближно 50 проценти повеќе од Кина.
Вашингтон минатата недела соопшти дека ќе воведе царини од 25 проценти за Индија поради одбивањето на владата на Моди да ја промени својата политика за купување руска нафта.