Трамп незадоволен од планот на шефот на Apple: „Се однесував многу добро со тебе, не сакам да го правиш тоа“
Американскиот претседател Доналд Трамп е незадоволен што Тим Кук, извршниот директор на „Епл“, има намера да го произведува „Ајфонот“ за пазарот во САД во новоизградени фабрики во Индија.
Тој го изрази своето незадоволство за време на посетата на Катар, која е дел од неговата турнеја на Блискиот Исток.
„Вчера имав мал проблем со Тим Кук. Му реков: „Тим, ти си ми пријател. Се однесував многу добро со тебе. Дојде со 500 милијарди долари. Но, сега слушнав дека градиш низ цела Индија. Не сакам да го правиш тоа“, рече Трамп.
Неговата администрација воведе царини за речиси сè што се увезува во САД, а како причина за тоа тој ги посочи стимулацијата на домашното производство, подобрувањето на трговскиот биланс и остварувањето на приходите поради планираното намалување на даноците.
Одредени компании, вклучувајќи ја и Apple, најавија зголемување на производството во САД за да избегнат високи царини. Сепак, како што објави CNN, потребни се години за изградба на фабрики, а американската работна сила е скапа. Значи, не е можно само да се започне со производство во Америка.
Планот на Apple е да го премести производството на iPhone од Кина во Индија за да избегне плаќање повисоки царини во САД. Компанијата претходно објави дека царинските давачки би можеле да создадат дополнителен трошок од 900 милиони долари веќе во овој квартал. Дополнително, Кук им изјави на новинарите претходно овој месец дека очекува поголемиот дел од iPhone-ите што се продаваат во САД да бидат од Индија како земја на потекло.
Преместувањето на производството на паметни телефони од страна на Apple од Кина во Индија траеше со години, вклучувајќи изградба на фабрики и вработување. Оваа компанија моментално нема можност да произведува iPhone-и во САД и веројатно ќе остане така.
Аналитичарите проценија дека цената на овој мобилен телефон на американскиот пазар би можела да се зголеми тројно на 3.500 долари доколку се произведува во Америка. Во февруари, Apple објави план од 500 милијарди долари за проширување на својот капацитет во САД во следните четири години, што би требало да значи вработување на уште 20.000 луѓе, објави CNN.