Член на американскиот Конгрес го номинираше претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, откако тој посредуваше во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Иран, објави „Фокс њуз“.
Конгресменот Бади Картер од Џорџија му пиша на Нобеловиот комитет дека Трамп одиграл „извонредна и историска улога“ во завршувањето на „вооружениот конфликт меѓу Израел и Иран и спречувањето на најголемиот спонзор на тероризам во светот да се здобие со најсмртоносното оружје на планетата“.
Трамп прогласи крај на „Дванаесетдневната војна“ пред два дена, а прекинот на огнот стапи на сила следниот ден.
Со ова се заврши спорот што траеше нешто повеќе од една недела, откако Израел првпат започна напад врз Иран, тврдејќи дека Техеран е опасно блиску до стекнување нуклеарно оружје.