Трамп одби да ја потпише изјавата на Г7 за Израел и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп одби да го потпише нацрт-заедничкото соопштение подготвено од лидерите на Г7, во кое се бара намалување на тензиите меѓу Израел и Иран.

Овој потег предизвика ран „расцеп“ меѓу САД и нивните сојузници на годишниот самит што се одржува во Канада.

Според Ројтерс, нацрт-изјавата ја воделе европски претставници и во неа се вели дека, иако Израел има право да се брани, на Иран не треба да му се дозволи да развива нуклеарно оружје.

Исто така, се повикуваат двете страни да ги заштитат цивилите и се повторува пошироката посветеност на Г7 за мир во регионот, пишуваат странските медиуми , според Телеграф.

Се наведува дека одлуката на Трамп да не го поддржи документот ја потврдил функционер на Белата куќа, кој рекол: „Под силното водство на претседателот Трамп, САД се вратија на водење на напорите за враќање на мирот низ целиот свет. Претседателот Трамп ќе продолжи да работи за да осигури дека Иран не може да добие нуклеарно оружје“.

На почетокот на билатералната средба со канадскиот премиер Марк Карни, Трамп рече дека Иран треба веднаш да започне разговори.

„Би рекол дека Иран не ја добива оваа војна и дека треба веднаш да проговори пред да биде предоцна“, рече тој.

Се очекуваше заедничката изјава да покаже единство меѓу членовите на Г7, но одбивањето на Трамп да ја поддржи ги истакна тековните разлики околу тоа како да се справат со зголемените тензии на Блискиот Исток.