Трамп: Операциите против дрога од страна на војската би можеле да се прошират на копнени цели без одобрение од Конгресот
– Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека не му е потребна формална објава на војна од Конгресот за да одобри воени операции против наводни трговци со дрога во странство.
„Нема нужно да барам објавување војна“, изјави Трамп за новинарите, додавајќи дека неговата администрација ќе дејствува против луѓето кои „внесуваат дрога во неговата земја“.
Трамп во последните недели пофали неколку смртоносни воени напади врз венецуелски рибарски бродови, бродови за кои тврдеше – без да даде докази – дека се занимавале со шверц на дрога.
Во согласност со правилата за правична постапка, претходните американски администрации ги претресуваа бродовите кои се сомнителни, за да видат дали носат нелегални дроги.
Трамп рече дека понатамошните операции можеби нема да бидат ограничени само на поморски интервенции и би можеле да вклучуваат потенцијални копнени операции. Тој додаде дека Конгресот ќе биде известен пред какви било копнени операции, но рече дека не очекува значително противење од пратениците.
Неговите забелешки дојдоа по извештаите дека бомбардер од американските воздухопловни сили Б-1 Лансер прелетал во близина на брегот на Венецуела претходно вчера. Трамп негираше дека авионот бил испратен од САД, но ја обвини венецуелската Влада дека „испраќа затвореници во САД“.
„Не е точно. Не, тоа е лажно“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа кога беше прашан за извештајот на „Волстрит џурнал“ во кој се тврди дека САД испратиле бомбардери Б-1 во близина на Венецуела.
„Но, ние не сме задоволни од Венецуела од многу причини, дрогата е една од нив, а тие ги испраќаат своите затвореници во нашата земја со години под администрацијата на Бајден“.
Вашингтон соопшти дека распоредувањето на воени американски бродови на Карибите е дел од кампањата против шверцување на дрога, додека Каракар предупреди дека тоа би можело да биде вовед во напорите за промена на режимот.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро неодамна објави дека неговата земја распоредила 5.000 противвоздушни ракети „Игла-С“ од руско производство за да ги зајакне своите капацитети за воздушна одбрана.
Мадуро ги опиша „Игла-С“ како „едно од најмоќните оружја што постојат“, велејќи дека ракетните системи се наменети да обезбедат „мир, стабилност и спокојство“ на венецуелскиот народ.
„Секоја воена сила во светот ја знае моќта на Игла-С, а Венецуела има не помалку од 5.000“, рече тој.