Трамп повторно го предупреди Нетанјаху

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се обврзе дека нема повторно да го нападне американскиот сојузник Катар, по неодамнешниот напад на Израел врз лидерите на Хамас во Доха, изјавија за „Аксиос“ два неименувани извори.

Пред претходниот напад, Нетанјаху не се консултираше со Трамп или со некој од неговите врвни советници, а Катар оттогаш изјави дека ќе го процени своето безбедносно партнерство со Вашингтон по овој чин на „предавство“.

„Аксиос“ наведува дека советниците на Трамп биле запрепастени и „шокирани“ од нападот врз Катар , близок сојузник на САД и седмата земја што Израел ја бомбардирал од 7 октомври 2023 година.

Еден извор близок до Трамп изјави за „Аксиос“ дека начинот на кој Нетанјаху и неговиот доверлив човек Рон Дермер се справиле со прашањето е „непријатен потсетник“ за однесувањето на израелското раководство што доведе до тензии со Трамп за време на неговиот прв мандат.

Во исто време, извори наведуваат дека Трамп во вторникот имал два телефонски разговори со Нетанјаху за нападот врз Катар и го изразил своето разочарување и збунетост околу одлуката на Израел.

„Тоа е неприфатливо. Барам да не го правите тоа повторно“, му рекол Трамп на Нетанјаху, според два извори запознаени со ситуацијата.

Потоа Трамп го информираше катарскиот емир и премиер Мохамед бин Абдул Рахман ал-Тани, кој рече дека го смета нападот за предавство на Израел кон САД и дека Катар може да најде други партнери „за да ја обезбеди безбедноста“.

Во исто време, Нетанјаху во видео порака рече дека нема да се двоуми да изврши нов напад врз државата од Персискиот Залив доколку лидерите на Хамас останат во таа земја, додека Ал Тани за Си-Ен-Ен изјави дека израелскиот премиер мора да биде „изведен пред лицето на правдата“ за кршење на меѓународното право со нападот врз Катар.

Ал Тани додаде дека верува оти целиот регион на Персискиот Залив е во опасност од Израел и дека Катар разгледува одговор со партнерите во регионот.

Повеќето европски лидери го осудија нападот, а Хамас соопшти дека иако имало и други жртви, лидерите го преживеале нападот.