Трамп повторно се огласи: Не го напуштив самитот поради Иран и Израел, станува збор за нешто многу поголемо
Американскиот претседател Доналд Трамп ги негираше обвинувањата дека претходно го напуштил самитот на лидерите на Г7 во Канада за да работи на примирје меѓу Израел и Иран.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп исто така му се потсмеваше на францускиот претседател Емануел Макрон, нарекувајќи го „барател на внимание“.
Тој рече дека францускиот претседател „нема поим“ зошто Трамп се враќа во Вашингтон порано и дека причината е „многу поголема“ од примирјето.
Претходно, Макрон посочи дека Трамп дал „понуда за примирје“.
„Францускиот претседател Емануел Макрон, желен за публицитет, погрешно рече дека го напуштив самитот на Г7 во Канада за да се вратам во Вашингтон за да работам на „примирје“ меѓу Израел и Иран. Греши! Тој нема поим зошто сум на пат кон Вашингтон сега, но тоа сигурно нема никаква врска со прекинот на огнот. Тоа е многу поголемо од тоа. Намерно или не, Емануел секогаш греши. Останете со нас!“, напиша Трамп.