Трамп: Подготвени сме да инвестираме милијарди долари за да го збогатиме народот на Гренланд
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го поддржува правото за самоопределување на народот на Гренланд, за кој често зборува дека сака да го купи, и дека е подготвен да инвестира милијарди долари за „да ги збогати“ луѓето на овој остров.
Трамп на платформата Вистина (Truth social), повторувајќи ја својата поддршка за правото на народот на Гренланд за самоопределување, наведе:
„Ќе продолжиме да ве штитиме, како што го правевме тоа од Втората светска војна. Ние сме подготвени да инвестираме милијарди долари за да создадеме нови работни места и да ве збогатиме.“
Трамп во објавата наведе дека Гренланѓаните ќе бидат добредојдени доколку сакаат да бидат дел од Соединетите Американски Држави.
Трамп често ја изразува својата желба да го земе Гренланд откако се врати на чело на американската администрација.
На 23 декември 2024 година, во објавата на својот профил на Вистина, американскиот претседател ја повтори изјавата дека Гренланд треба да биде под контрола на неговата земја, тврдејќи дека поседувањето и контролата на островот е „апсолутно задолжителна“.
Премиерот на Гренланд, Муте Буруп Егеде, на овие изјави на Трамп рече:
„Гренланд му припаѓа на гренландскиот народ. Ние не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба. Нема да ја изгубиме нашата борба за слобода што трае долги години.“
Фарските Острови и Гренланд се два автономни региона кои се под капата на Кралството Данска. Островот Гренланд се наоѓа на оддалеченост од 2.900 километри од Данска.